Сведоци сме дека во женскиот фудбал не цветаат ружи и дека наместо да оди во нагорна линија тој се повеќе тони. Причината за тоа не се криви фудбалерките, туку луѓето кои се на позиција да го водат фудбалот.

Уште една црна дамка која ја прели чашата се заканите кои ги добивла нашата репрезентативка Мила Талевска.
Пред само три месеци на пријателски натпревар во Прилеп, помеѓу екипите на ЖФК Деспина и ЖФК Каменица Саса, претседателот на домашната екипа упатил закана до Талевска дека на следниот натпревар таа ќе биде извадена на носилки.

За да е уште потрагично на следниот натпревар тоа и се случило, за жал.
При еден доста опасен старт од домашната фудбалерка, Талевска се здобива со тешка повреда, поточно скршеница на зглобот. После овој прекршок, тренерот на домашната екипа ги бодрел своите фудбалерки така да продолжат и да го зголемат интензитетот.
Исто така имало и коментари дека Талевска глуми и дека сама се повредила. Тоа што најмногу не загрижува е какви личности ги водат екипите.

Во продолжение ви ја пренесуваме изјавата на Мила Талевска:

„Се започна во зимските припреми кога одигравме пријателски натпревар со ЖФК Деспина во Прилеп. Натпреварот беше далеку од фер и пријателски, а за тоа се погрижија домашните фудбалерки кои беа доста груби. Во текот на целата утакмица имаше остри стартови и провокации. После завршувањето на утакмицата нивниот претседател се поздрави со мене и упати закана дека на првенствената утакмица ќе бидам изнесена на носилки. Тоа не го сфатив толку сериозно се додека не дојде таа првенствена утакмица. На секој мој контакт со топката имаше удар на мене и делуваше како да сакаат да ме повредат. Судиите ја дозволија таа груба игра од нивна страна, но не и од наша, секој наш прекршок беше санкциониран. После еден намерен старт од противничка фудбалерка ми беше скршен зглобот, а нивните коментари беа дека јас сама се лизнав и дека не ми е ништо. Најжално од се е што кога излегов од игра нивниот претседател, тој истиот што ми се закануваше, стоеше до мене насмеан и среќен дека сум повредена и иронично ми рече дека сама сум се сопнала и не ми е ништо. После мојата повреда нивниот тренер ги храбреше со тоа да влезат уште појако и повеќе да удираат. Поради таа повреда ја пропуштив вчерашниот натпревар од Купот на Македонија, токму против ЖФК Деспина, но понесена од емоциите и револтот кој го имав не внимавав на зборовите додека ја бодрев мојата екипа. Истиот тој тренер што е најзаслужен за мојата скршеница, после вчерашната утакмица изрази незадоволство од мојот речник и ми препорача да си го преиспитам мојот однос. Најверојатно не му се допадна некој да му возврати на негов начин, но за жал не можев да бидам таа добрата и на овој начин сакав да се запраша малце за неговите постапки“.

Се прашуваме. Зарем е можно вакви работи на се случуваат во женскиот фудбал?
Зарем победа по секоја цена, па дури и да се повреди противникот (во случајов млада девојка – репрезентативка), ја оправдува целта!? Има ли кој да стави крај на ваквите девијантни појави?

Со ваков пристап, нема да имаат напредок на тие фудбалерки, и воопшто секој спортист не би имал напредок ако неговиот ментор не работи правилно со него.

Искрено се надеваме дека во иднина нема да има повеќе вакви немили настани, а на Мила и посакуваме побрзо закрепнување и што побрзо да ја видиме назад на фудбалските терени.

Филип Василевски