Во големото финале на Светското училишно првенство под капата на „International School Sport Federation“, женската ракометна селекција на Македонија беше поразена од силната репрезентација на Хрватска со 28:26.

Натпреварот започна одлично за Македонија, која отвори со серија од 3:0 и брзо поведе со 5:1. Сепак, Хрватска возврати и во 9-тата минута намали на 5:4. Во продолжението се играше израмнето, со минимална предност за нашата селекција, но во 15-тата минута противникот израмни на 6:6, а потоа и направи пресврт за водство од 8:6.
Македонија не се предаде и во 25-тата минута повторно го израмни резултатот на 11:11. До крајот на првото полувреме, Хрватска успеа да наметне ритам и на пауза замина со предност од 15:12.

Во второто полувреме, репрезентацијата на Хрватска влезе помотивирано и во 37-мата минута стигна до предност од +5 (19:14). Избраничките на Вељаноска се обидуваа да ја намалат разликата, но противникот успешно го контролираше резултатот.

Сепак, Македонија не се откажа — во 53-тата минута намали на 24:22, а само две минути подоцна се доближи на минимални 24:25, внесувајќи неизвесност во финишот. Но, Хрватска одговори со серија од 3:0 во 57-мата минута и повторно се одлепи на 28:24, со што практично го реши победникот и го приведе натпреварот кон крајот.

Ивона Кимовска