Скопје е подготвено за Светското училишно првенство во ракомет кое официјално започнува утре со учество на над 700 млади спортисти. Главниот град на Македонија ќе биде домаќин на 39 екипи од 21 држава кои ќе се борат за титулата светски првак.
Македонските машки и женски кадетски репрезентации веќе ги дознаа своите противници и распоредот на натпреварите во групната фаза од турнирот.
Машката селекција под водство на Горан Кузманоски ќе ги одмери силите против Република Српска, Грузија, Бугарија и Саудиска Арабија.
Женската репрезентација предводена од Даниела Новеска за противници во групата Ц ги има селекциите на Белгија, Грузија и Словачка.
РАСПОРЕН НА МАКЕДОНИЈА
| Датум | Час | Конкуренција | Натпревар | Локација |
|---|---|---|---|---|
| 22.04.2026 | 10:30 | Мажи | Македонија – Бугарија | Сала Македонско Сонце |
| 22.04.2026 | 10:30 | Жени | Белгија – Македонија | Сала Крсте Мисирков |
| 23.04.2026 | 08:30 | Мажи | Грузија – Македонија | Сала Македонско Сонце |
| 23.04.2026 | 10:30 | Жени | Грузија – Македонија | Сала Крсте Мисирков |
| 24.04.2026 | 10:30 | Мажи | Република Српска – Македонија | Сала Македонско Сонце |
| 24.04.2026 | 10:30 | Жени | Македонија – Словачка | Сала Крсте Мисирков |
Натпреварите ќе се играат во шест различни спортски сали низ Скопје, додека големото финале ќе се одржи во салата Расадник.
Официјалното свечено отворање на првенството е закажано за утревечер со парада на сите учесници на централниот плоштад Македонија.
Министерството за спорт и Федерацијата на училишен спорт потврдија дека сите технички и безбедносни подготовки за настанот се целосно завршени. Овој спортски настан има за цел да го промовира ракометот меѓу младите и да ја зајакне меѓународната соработка преку спортот.
Љубителите на ракометот ќе можат бесплатно да ги следат натпреварите и да дадат поддршка на македонските надежи во нивниот настап.


























