Фудбалскиот клуб Вардар по шест годишен „пост“ е чекор поблиску до славје на новиот шампионски трофеј.

Единствените претенденти за трофејот Вардар и Шкендија денска славеа победи во дуелите од 31-вото коло во ПМФЛ.

Вардарци го победија Силекс со 2-1, а Шкендија со 3-1 беше подобра од Струга Трим Лум.

Со трите освоени бодови и шест повеќе од тетовска Шкендија, а на два кола до крајот, Вардар речиси ја освои 12-тата шампионска титула. Иако теоретски сеуште го нема потврдено (заверено) тоа, сепак реално, Вардар е во огромна предност.

И да ги загуби последните два натпревари, а тетовци да победат, на крајот двете екипи би имале ист број на бодови. Сепак во моментов Вардар има убедливо подобра гол разлика од Шкендија дури +16. Само научна фантастика на скопјани може да им ја одземе титулата, па затоа нивните навивачи „Комити“ со право уште денеска почнаа со славјето.

Што се однесува до натпреварот, вардарци поведоа уште во третата минута со голот на Цветковиќ. Веќе во 16-тата минута беше 2-0, а стрелец на голот беше Закариќ од пенал. Гостите од Кратово пропуштија три одлични шанси за гол во првиот дел, но во вториот успеаја да ја затресат вардаровата мрежа. Тоа се случи во 53.минута кога Бутуровиќ се најде сам на вистинското место во шеснаесетникот на домаќините и намали на 1-2.

Во Тетово, Шкендија со голот на Красниќи од пенал в 25.минута поведе со 1-0. Гостите од Струга израмнија во 33.минута со погодокот на Јевтовски. Сепак Шкендија брзо го врати водството и тоа во 39.минута со голот на Ислами. Во второто полувреме, односно 69.минута Мазари беше стрелец на третиот гол за Шкендија за конечни 3-1.

Третиот денешен натпревар се одигра во Битола, каде Пелистер очекувано го совлада Шкупи со 7-0.

ПРВА ЛИГА – 31 КОЛО

Сабота
ВАРДАР – СИЛЕКС 2-1
ШКЕНДИЈА – СТРУГА Т.Л. 3-1
ПЕЛИСТЕР – ШКУПИ 7-0
Недела 10 мај 16 часот
МАКЕДОНИЈА ЃП – ТИКВЕШ
АРСИМИ – БАШКИМИ
АП БРЕРА – РАБОТНИЧКИ