Само два дена по завршувањето на женскиот одбојкарски шампионат на Македонија, кој Работнички го заокружи триумфално, најдобрите македонски одбојкарки пак ќе бидат активни.
Женската сениорска репрезентација утре во Скопје ќе го означи почетокот на подготовките за Европската лига 2026.
Новиот селектор Милош Гавриловиќ ја закажа првата прозивка точно на пладне во хотелот „Континентал“.
Овогодишното издание на Европската лига има дополнително значење. Тоа претставува квалификациски циклус за наредниот Европски шампионат во 2028 година.
На поширокиот список дополнително е повикана Ивана Милева која блесна во финалната серија од домашното првенство за тимот на Наковски Волеј.

Утрешниот ден е резервиран за работен состанок и задолжителни физички мерења на репрезентативките. Првиот тренинг на ќе се одржи в четврток во спортскиот центар „Форца“ каде ќе се спроведе целиот подготвителен процес.
Предвидено е македонските одбојкарки формата да ја темпираат и преку пријателски двомеч со Косово на 29 и 30 мај.
Официјалните натпревари во Европската лига започнуваат од 5 до 7 јуни. Првиот турнир ќе се игра во Порто.



























