Полека ги одбројуваме последните часови од 2025 година, која изобилуваше со спортски настани. И претстојната, 2026-та, ќе биде исклучително богата. На дел од најголемите светски и континентални настани ќе настапуваат и македонските спортисти.

Почетокот на годината редовно е во знакот на ракометот

Од 15 јануари до 1 февруари, Шведска, Данска и Норвешка ќе бидат домаќини на Европскиот шампионат за ракометари.

Македонија повторно е дел од ова големо, сигурно и најквалитетно репрезентативно натпреварување. Црвено-жолтите ги чека тешка битка во Хернинг, каде ќе се играат натпреварите од Б групата. Покрај домаќинот и топ фаворит за златото Данска, избраниците на селекторот Кирил Лазаров за противници ќе ги имаат Португалија и Романија.

Март и април се месеците во кои и женската сениорска репрезентација на Македонија ќе продолжи со квалификациите за Европскиот шампионат 2026.

Еурофарм Пелистер и Вардар продолжуваат со европските настапи

Двете најдобри македонски екипи Еурофарм Пелистер и Вардар ќе ги продолжат настапите во ЕХФ европските натпреварувања.

Шампионот Е.Пелистер ќе има исклучително тешка задача да се надмине. Пелистерци остануваат уште четири натпревари во Лигата на шампионите, преку кои ќе се обидат да обезбедат пласман во нокаут фазата.

Вицепрвакот Вардар пак, го чека втората рунда од натпреварите во Европската лига. Вардарци кои со 5 победи и 1 пораз како првопласирани ја минаа првата фаза. Во втората, црвено-црните ги чекаат потешки противници во германскиот Мелсунген и португалската Бенфика. Февруари и март ќе бидат месеците во кои на испит ќе бидат избраниците на Иван Чупиќ

Пролета резервирана за распределба на трофеите

На домашната ракометна сцена, пролетта секогаш е резервирана за поделба на трофеите во двете конкуренции. Тогаш ќе ги дознаеме шампионите и освојувачите на Куп трофеите кај мажите и дамите.

Во летниот период пак, ќе следуваат настапите на младинските ракометни селекции на Македонија на континенталните првенства.