Македонската машка ракометна репрезентација одигра катастрофален натпревар на гостувањето во Грција од каде се враќа со убедливи пораз. Во дуелот од 2.кло од квалификациите за Европскиот шампионат 2028-ма, Македонија загуби од Грција со 29-24.

Дека ова ќе биде еден од најлошите настапи на македонските ракометари последните неколку години, се виде уште во првиот дел.

Освен водството на почетокот од 1-2, во продолжението избраниците на селекторот Кирил Лазаров одиграа далеку под очекуваното особено во одбраната. Домаќините брзо направија пресврт со серија од три погодоци за 4-2, но нашите ракометари успеаја да се доближат на минимални 5-4 во 13-тата минута. Од тој момент следеше целосен пад во играта на македонскиот национален тим во двата правци. Грците ја презедоа контролата и во 21.минута стигнаа до 10-5, а набрзо разликата порасна и на високи 13-6.

Македонскиот напад делуваше целосно безидејно, а реализацијата под просечна од само девет голови во првиот дел. Голема пречка беше расположениот грчки голман Петрос Буковинас со пет интервенции, додека нашите чувари на мрежата запишаа само три одбрани. Највисоките плус осум домаќините ги имаа при резултат 15-7, а на полувреме се замина со седум гола негатива (16-9). Капитенот Филип Кузмановски со четири погодоци е единствената светла точка во нашиот состав по првиот дел.

И во вториот дел иста слика на теренот. Мотивираниот грчки состав знаеше што сака и постојано го контролираше резултатот. Домаќинот уште на стартот во два наврати дојде до најголеми +9 разлика. Тука беше веќе јасно дека жолто-црвенмите ќе мора да се помират со пораз, иако се обидуваа да ја анулираат негативата. На крајот Грците ја впишаа првата победа, со конечни 29-24, a Mакедонија го претрпе првиот пораз.

Квалификации на ЕУРО 2028 ќе продолжат во февруари месец, а македонската селекција ќе одигра двомеч со топ фаворитот во нашата (8-ма група) Шведска.