Ракометната федерација на Македонија ќе го организира првиот женски ракометен форум во Охрид. Со цел дополнително да придонесе кон развојот, видливоста и унапредувањето на женскиот ракомет, РФМ за првпат ќе организира женски ракометен форум.

Тој ќе се одржи на 26 септември 2026 година во Охрид, во рамки на Меѓународниот ракометен турнир „Трофеј Македонија 2026“.

Под мотото „One game. One voice. One future.“, форумот ќе обедини пет големи имиња од регионалниот, европскиот и светскиот ракомет на едно место, со една заедничка тема – иднината на женскиот ракомет.

Индира Кастратовиќ, Андреа Лекиќ, Лидија Хорват, Сузана Лазовиќ и Драгана Цвијиќ ќе ги споделат своите лични и професионални приказни.

Легендите ќе говорат за своите првите чекори во ракометот, најголемите натпревари и освоените медали. Тие ќе зборуваат за подемите и падовите, за поддршката што ја имале, но и за предрасудите со кои се соочувале, за можностите што ги нуди балканската ракометна сцена, но и за промените што се потребни за женскиот ракомет да продолжи да расте.
Посебен акцент ќе биде ставен и на истрајноста, лидерството и животот во ракометот по завршувањето на играчката кариера, како теми што се важни не само за врвните спортистки, туку и за генерациите што доаѓаат.

На едно место ќе бидат легендите, актуелните репрезентативки на Македонија, младите ракометарки од домашната сцена, како и тренери, спортски работници и луѓе кои секојдневно учествуваат во создавањето на идните генерации.

Првиот женски ракометен форум е чекор на федерацијата кон создавање простор во кој искуството ќе се споделува, важните прашања ќе се отвораат гласно, а идеите за подобра иднина на женскиот ракомет ќе добијат свое место.

Форумот во Охрид (26.09.2026) ќе се одржи во Спортска сала „Билјанини Извори во терминот од 11 до 13:30 часот.