На отвореното игралиште „Горан Попоски – Бабец“ во Струга денеска завршува 54-тото издание на меѓународниот традиционален ракометен турнир „Струга 2026“.

Како што и се очекуваше, за пехарот ќе се борат двете најквалитетни екипи. Актуелниот македонски шампион Вардар, кој е воедно и најтрофеен на овој турнир, во финалето за противник ќе ја има екипата на ГРК Охрид.

Ова ќе биде добра можност за двајцата тренери да видат со какви сили располага противникот, со оглед на тоа што овие две екипи, заедно со Еурофарм Пелистер и Алкалоид, ќе бидат главните претенденти за трофеите на домашната ракометна сцена.

Финалето меѓу Вардар и Охрид ќе почне во 20:30 часот.

Претходно од 18.30 часот ќе се игра мечот за 3.место, во кој ќе се сретнат домаќинот Струга и екипата на Прилеп.

Петтото место на овој турнир го освоија ракометарите на Дубочица од Србија, кои беа подобри од скопски Бутел со 31-29.