Калин Ивановски ја продолжи серијата победи. Утрово во мечот од 1.коло на Челинџер 75 турнирот во Јокохама го совлада Зизу Бергс од Белгија со 2-1 во сетови (61 57 62) .

Неговиот ривал е на 152.место на АТП листата и овој турнир дојде како победник на Челинџерот во Друмондвил.

Калин имаше еден ас повеќе (5:4), но за одбележување е и тоа дека немаше ниту една двојна сервис грешка (0:4). Истотака направи пет брејка од 10 можности, а успеа да спаси седум брејк топки.

Од самиот почеток на мечот Ивановски покажа дека е подготвен за триумф. Првиот брејк го направи во четвртиот гем (3:1), па и во шестиот (5:1), а сетот го заврши со 6:1.

Вистинска борба имаше во вториот сет. Ивановски со брејк поведе со 2:1, но веќе во следниот гем Бергс имаше ри-брејк за 2:2. Во 10.тиот гем се водеше голема борба и беа одиграни 16 поени притоа Ивановски спаси две сет топки. Но, во 12.тиот гем ривалот сепак ја искорсти четвртата сет топка во сетот за 7:5 во гемови – 1:1 во сетови.

Но, македонскиот тенисер на стартот од решавачкиот сет покажа дека максимално психолошки подготвен. По загубениот сет претходно, веднаш на стартот на третиот направи брејк за 1:0. Следниот брејк го имаше во петтиот гем за 4:1 и сетот го заврши со 6:2.

Во второто коло Ивановски ќе игра против шестиот носител Лука Нарди од Италија (20 год., 118 АТП ранг), кој во првото коло го совлада Јун Сеонг Чунг  од Јужна Кореја.

Нарди е во одлична форма на претходните два челинџер турнири во Јапонија триумфираше во Мацујама, а беше полуфиналист во Кобе претходната недела.

Почетокот на мечот е утре во 02:30 часот по македонско време (10:30 по локално време) и е прв меч на теренот број 3.