Јубилејното 50-to издание на меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“, утре ќе се одржи во салата на ДСЕУ „8. Септември“ во Тетово. Во организација на семејството и Одбојкарската федерација на Македонија, од годинава турнирот ќе се игра како Супер куп на Македонија. Тој ќе биде и вовед во новата сезона.
Јубилејното издание беше најавено со прес-конференција во просториите на Министерството за спорт. На средбата со медиумите присуствуваа министерот за спорт, Борко Ристовски, претседателот на ОФМ, Петар Јовановски и потпретседателот на ОФМ и син на одбојкарската легенда, Ивица Хаџииљоски.
„На мое огромно задоволство дојдовме до 50. јубилејно издание на турнирот. Големо задоволство за мене е што годинава турнирот е во Тетово каде што изворно почна да се одржува, меѓутоа последните десетина години овој турнир беше ставен во функција на репрезентациите на Македонија и турнирот се одржуваше на различни места.
Овој турнир што го правиме во чест на мојот покоен татко ќе добие и нова улога како Супер Куп, кој секогаш ќе се одржува пред почетокот на сезоната.
Турнирот е со огромна традиција, на него учествувале многу репрезентации, многу клубови и се надевам дека и годинава ќе присуствуваме на квалитетни натпревари меѓу најквалитетните екипи во Македонија од минатата сезона во машка и во женска конкуренција“, истакна синот на легендата, Ивица Хаџииљоски.

Еднодневната програма на „Чајка“ Супер купот ќе стартува со машкиот натпревар меѓу. Во него, освојувачот на двојната круна, Штип УГД и финалистот ГОК Борец од Велес. Натпреварот ќе се игра од 17 часот, а по него следува женскиот Суперкуп дуел меѓу шампионот Работнички Скопје и освојувачот на купот , Вардар ЕМ од 19:30 часот.
Влезот во салата на ДСЕУ „8. Септември“ во Тетово ќе биде слободен, а организаторите испратија покана до сите љубители на спортот и одбојката да бидат дел од овој јубилеј


































