Кошаркарите на ТФТ Скопје вечерва во Тузла ја започнуваат новата сезона во АБА2 лигата. Избраниците на тренерот Боро Смилковски ќе играат против домашната Слобода Енергоинвест.

Македонскиот тим отпатува во Босна и Херцеговина со амбиции за позитивен резултат на стартот. Минатата година скопскиот состав славеше против овој ривал на домашен терен со 96:91.

Иако ростерот претрпе одредени промени и подмладување, целите на клубот остануваат високи во регионалното натпреварување. Тренерот Смилковски очекува неговите играчи да го дадат максимумот на паркетот во вечерашната пресметка.

И капитенот Страхил Николов посочи дека тимот е целосно подготвен за предизвикот на гостински терен.

„Нè очекува тежок натпревар на гостински терен со кој ја отвораме сезоната во АБА2. Подготвени сме на предизвикот и веруваме во нашиот квалитет и стил на игра.

Во новата сезона влегуваме како вицешампиони што претставува голем успех за нас, но и дополнителна мотивација.

Се надевам дека ќе дадеме сè од себе за да ја почнеме сезоната со позитивен резултат“, нагласи Николов.

Натпреварот меѓу Слобода и ТФТ  ќе почне од 18 часот.