Кошаркарите на ТФТ ја стартуваат новата сезона во регионалната АБА2 лига.
Тимот од скопската населба Тафталиџе ќе се обиде да го повтори минатогодишниот успех кога лани стигна до финалето.
Задачата за избраниците на тренерот Боро Смилковски сезонава нема да биде нималку лесна. Составот на ТФТ е видно изменет во однос на ланскиот, со бројни подмладувања.
Сепак, во карактерот на оваа екипа е борбеноста секој натпревар. Така ќе биде и на утрешниот на гостувањето во Тузла против екипата на Слобода.
„Нé очекува тежок натпревар, прв за нас во овогодишното издание на АБА2 лигата.
Тоа е квалитетна екипа која во голема мера го задржа играчкиот кадар, како и континуитетот во работата на тренерот Марко Трбиќ.Со сериозен пристап и фокус на деталите, ќе се обидеме со агресивност да го наметнеме нашиот стил на игра во транзиција, со доста поседи. Контролата на скокот ја издвојувам како еден од клучните фактори во обидот да дојдеме до позитивен резултат на натпреварот“, изјави тренерот Боро Смилковски.
Натпреварот меѓу Слобода и ТФТ е дел од „Б“ групата во која се и екипите на Подгорица и Херцеговац. Утрешниот натпревар ќе се игра во терминот од 18 часот.
Вториот македонски претставник во ова натпреварување е шампионот МЗТ Скопје Аеродром кој ќе настапува во „Ц“ групата.




































