Неофицијалното Светско тениско првенство, како многумина го нарекуваат Гренд-слемот Вимблдон официјално почнува денеска.

Годинава за македонската јавност, стартот на турнирот почна пред четири дена, кога се играа квалификациите. Нив успешно ги мина најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа. Така за прв пат во историјата на макеоднскиот тенис, нашата земја ќе има претставник на главниот дел од турнирот.

Лина ја чека тешка задача во првото коло во кое за противничка ќе ја има ланската финалистка Американката, Аманда Анисимова.

„Квалификациите минаа одлично. Од секогаш знаев и верував дека сум блиску, а треба и да се склопат коцките, за да биде совршено. Секој меч беше тежок, сите што учествуваат се меѓу 200-те најдобри на светот во еден од најмасовните спортови и затоа нема лесен меч. Сепак би го издвоила вториот меч (против Франциска Жорге). Последниот меч го одиграв одлично, загубив три гема и навистина сум среќна и пред сè со тоа како се носев за време на мечот.

За мојата противничка нема што многу да се каже, квалитетна и комплетна тенисерка, мојата единствена цел е да го одиграм своето. Мечот ќе се игра во вторник (утре). Знаете таа е ланска финалистка и шеста носителка и затоа мечот е на еден од „главните терени“. 

Се надевам дека ќе биде интересен меч и гледајте и навивајте од дома“, изјави Лина.

Мечот меѓу Ѓорческа и Анисимова ќе се игра утре од 12 часот на вториот терен на „Ол Ингланд Клуб“.