Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски смета дека спорниот пенал, досуден по неговиот старт и прегледувањето со ВАР, неправедно донесе победа на Шкотска. Фудбалската репрезентација на Македонија загуби со 2-1 на гостувањето во Глазгов во петтото коло од УЕФА Лигата на нациите.
Џон Мекгин беше сигурен реализатор од пенал за конечни 2-1, со што продолжи негативната серија на нашите фудбалери.
Чуварот на мрежата нагласи дека тимот одлично излегол од задната линија во неколку наврати, исполнувајќи ги замислите од тренинзите. Иако нашиот национален тим одигра компактно и дојде до посакуваниот гол во вториот дел, спорната судиска одлука го реши победникот.
„Ситуацијата за пеналот може да ја свири на било која страна, едноставно ја собрав топката . Тој со ногата ме удира мене. Не можам да исчезнам од таа ситуација, така што ја имав топката, имав контрола, но за жал секој пат одлуката паѓа на другата страна“, изјави Столе Димитриевски.
По овој пораз во Глазгов, македонските фудбалери веднаш го насочуваат фокусот кон последниот предизвик од овој циклус во Лигата на нации. Во понеделник на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје гостува квалитетната репрезентација на Словенија.
Според нашиот голман, единствен излез од резултатската криза е напорната работа и максималната борба за триумф пред македонските навивачи.
„Тоа е, мора да работиме, ни следи уште еден натпревар на домашен терен пред нашата публика, да покажеме дека може да победиме и дека може да се натпреваруваме“, истакна македонскиот голман.





































