Женската сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија загуби на гостувањето кај Романија со 73:52 во првиот натпревар од претквалификациите за Евробаскетот 2029 година.

Подмладениот македонски состав одигра две сосема различни полувремиња во Букурешт, оставајќи силен и позитивен впечаток во вториот дел од мечот.

Домашните кошаркарки доминираа во првите дваесет минути и заминаа на одмор со убедлива предност од 45:18. Сепак, избраничките на селекторот Виктор Петровски покажаа извонреден карактер по паузата и целосно ја променија сликата на теренот. Нашата селекција одигра одлична трета четвртина, која ја доби со високи 21:10 и значително ја намали високата негатива.

Најискусните во тимот, Цветанка Димова и Адамовска, ја презедоа одговорноста во нападот, поентирајќи во клучните моменти од овој период. Романија ја отвори последната четвртина со серија од 7:0, но македонските кошаркарки повторно возвратија и намалија на 62:46. Впечатокот ќе беше уште подобар доколку на четири минути пред крајот не се повредеше Адамовска, која одигра одличен натпревар.

Димова беше најефикасна во македонскиот табор со 11 поени, пет асистенции и два скока, додека Адамовска запиша 10 поени, шест асистенции и пет скока. Солиден придонес имаа и Петрушевска со девет поени и три скока, како и Ана Милованова која додаде седум поени.

Македонската женска кошаркарска репрезентација веќе во сабота од 18 часот во салата „Џексон“ во Штип ја пречекува селекцијата на Естонија.