Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје продолжи со негативната серија на меѓународната сцена во рамките од шестото коло. Аеродромци претрпеа убедлив пораз, со 30 поени разлика, на гостувањето во Солун кај на Ираклис со 103-73 во ФИБА Еврокупот.

Грчкиот состав доминираше од самиот почеток на средбата. Уште во првата четвртина Ираклис стекна висока предност од дванаесет поени разлика (29-17). Избраниците на тренерот Васко Атанасов одиграа рамноправно само во вториот период (18-18), па на полувреме заминаа со негатива од 47-35.

Во второто полувреме домаќините целосно го контролираа ритамот и дополнително ја зголемија разликата. Солунскиот тим ја доби третата делница со 31-18, со што ги реши сите дилеми околу победникот на овој натпревар. Клучна за триумфот на домашните беше високата реализација од поле од 57,5 проценти, како и воздушната доминација со 44 скокови.

Во победничкиот табор на Ираклис најефикасен беше Ноа Хорхлер со 19 поени и осум скокови, следен од Џален Лек со 18 поени. Кај МЗТ Скопје Аеродром најдобар поединец беше Емир Крајиниќ со дабл-дабл учинок од 17 поени и 10 скокови, а Лесли Варнер запиша 15 поени.

По шест одиграни кола во групата Е, аеродромци остануваат на последното место на табелата без ниту една победа и со шест порази. Следниот предизвик за македонскиот првак во ова европско натпреварување е гостувањето кај естонски Тарту на 18 ноември.