Вистински „земјотрес“ ја затресе македонската спортска јавност по најновата отворена „војна“ меѓу двете  спортски институции во државата. Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) жестоко удри по непотизмот на Даниел Димевски и побара негова итна оставка од МОК.

На последната седница одржана на 10 ноември, раководството на мак-баскетот детално ги разгледа сите притисоци и условувања од МОК.

Во центарот на овој невиден скандал се наоѓа начинот на формирање и селектирање на националната репрезентација во кошарка 3х3. Во составот на оваа селекција е вклучен и синот на претседателот Димевски, што директно отвора сериозни прашања за класичен непотизам. Од куќата на кошарката порачуваат дека никогаш не го оспорувале правото на кој било играч чесно да го носи дресот. Сепак, тие категорично одбиваат изборот на селекцијата да биде одземен од Федерацијата поради директен семеен интерес на првиот човек на МОК.

„Дали националниот дрес се заслужува со спортски резултати или со семејна поврзаност со раководител на спортска институција?“, прашуваат јавно од КФМ.

 

„НЕ Е МНОГУ“ само 100.000 долари – велат од КФМ!!!

Скандалот добива уште поголеми размери со обелоденувањето на предложениот Меморандум за соработка меѓу двете институции. Тој е тежок вкупно 100.000 американски долари. Според овој документ за периодот од 2025 до 2028 година, МОК барал целосна контрола врз изборот на селектори и играчи. За возврат, улогата на КФМ требало целосно да се маргинализира и сведе само на обична регистрација на кошаркарите во ФИБА.

„Од национална спортска федерација со сопствена стручна структура, од нас практично се бараше да станеме административен сервис на Олимпискиот комитет“, стои во соопштението.

КФМ сепак понудила конструктивен компромис, преку формирање заедничко стручно тело од тројца членови за објективен избор по спортски критериуми. Предлогот предвидувал двајца претставници од КФМ и еден од МОК, но претседателот Даниел Димевски експресно и арогантно го одбил ова решение.

Неговата директна реакција до претставниците на Федерацијата била кратка и ултимативна порака:

„Заборавете го меморандумот“.

Ваквиот однос ја прелеа чашата кај кошаркарските работници, кои децидно порачаа дека надлежностите на Федерацијата никогаш не се на продажба. Тие нагласуваат дека ниту еден функционер не смее да купува привилегии за своето дете пред поспособните и позаслужни млади спортисти.

„Што треба да им порачаме на тие деца и на нивните родители, дека за да се стане репрезентативец е поважно кој ви е татко?“, реагираат од Федерацијата.

Поради сериозно нарушената доверба, УО на КФМ, јавно побара од Димевски веднаш да поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на МОК. Истовремено, КФМ веќе ги активираше сите правни механизми и побара од надлежните државни органи детално да го испитаат овој случај.

Македонскиот спорт мора да им припаѓа на спортистите, а не на семејните интереси на функционерите, заклучуваат од Кошаркарската федерација на Македонија.