Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва гостува кај Шкотска во Глазгов во 5.коло од Лигата на нации. Селекторот Гоце Седлоски се одлучи за офанзивна формација 4-3-3 во обид да стигне до првите бодови во Б дивизијата.
Меѓу стативите повторно ќе застане стандардниот чувар на мрежата Столе Димитриевски. Дефанзивниот бедем пред него го сочинуваат Езѓан Алиоски, Висар Муслиу, Михаил Младеновски и Бојан Илиевски.
Со играта во средниот ред ќе диригираат капитенот Енис Барди и Елиф Елмас, поддржани од младиот Лука Гаштаров.
Нападот на македонскиот национален тим на култниот стадион „Хемпден Парк“ ќе го предводат Елмин Растодер, Љупче Дориев и Дарко Чурлинов. Повратникот Чурлинов повторно добива шанса во почетните единаесетмина откако го пропушти претходниот репрезентативен собир.
Македонските фудбалери на ова тешко гостување ќе се обидат да го постигнат и својот прв погодок во актуелниот циклус. Натпреварот ќе започне од 20.45 часот.



































