Селекторот на женската ракометна репрезентација на Македонија, Игор Марковиќ, го објави списокот од 19 ракометарки за претстојните подготовки за Европското првенство. Македонските ракометарки ја темпираат формата низ контролен турнир во Анкара, кој ќе биде генерална проба пред континенталниот собир во декември.

Официјалниот собир на националниот тим е закажан за в недела, 22 ноември, напладне (12 ч.) во скопскиот хотел „Three Corners“. По неколкудневните тренинзи во Скопје, „црвено-жолтите“ заминуваат за Турција во рамките на репрезентативната недела на ЕХФ. Овој состав во најголем дел ги опфаќа ракометарките кои ќе го понесат товарот на самиот шампионат.

Меѓународниот турнир во Анкара се игра од 27 до 29 ноември и носи три квалитетни проверки за нашата селекција.

Македонија го отвора настапот на 27 ноември од 18:45 часот со пресметка против репрезентацијата на Финска. Веќе следниот ден од 16:30 часот нашите ракометарки ќе ги одмерат силите со селекцијата на Италија. Последниот тест е закажан за 29 ноември во 18:45 часот против домаќинот Турција.

Веднаш по завршувањето на овие дуели, стручниот штаб ќе го дефинира конечниот список на патнички за Клуж.

Европското првенство ќе се одржи од 3 до 20 декември во Чешка, Словачка, Романија, Турција и Полска. Македонија обезбеди учество како третопласирана во квалификациската група во конкуренција на Германија, Словенија и Белгија.

На шампионатот, македонскиот национален тим ќе настапи во групата Б во романскиот град Клуж. Ривали во прелиминарната фаза ќе ни бидат домаќинот Романија, актуелниот светски првак Норвешка и селекцијата на Швајцарија. Место во главната рунда обезбедуваат двете првопласирани репрезентации од секоја од шесте групи.