Екипите на ТФТ и Тиквеш славеа победи во двата денешни натпревари од 7.коло во македонската кошаркарска Супер лига. Кошаркарите на ТФТ по продолжение триумфираа на гостувањето кај Кожув, а во Кавадарци, Тиквеш во го совлада битолски Пелистер.

Продолжение во Гевгелија со среќен крај за ТФТ

Пресметката во салата „26 Април“ донесе огромна борба и резултатска неизвесност во текот на сите четириесет минути, но и дополнителните пет. На крајот гостите од Скопје, тимот на ТФТ го победи Кожув со со 86-88.

Домаќините го добија првиот период со 24-23, но скопскиот тим возврати во втората четвртина и замина на полувреме со 36-38. Третиот квартал заврши израмнето (17-17), а во последниот период Кожув успеа да ја анулира негативата и да избори продолжение (73-73). Во дополнителните пет минути гостите од Скопје беа поконцентрирани и го добија периодот со 13-15 за конечен триумф.

Најзаслужен за победата на ТФТ Скопје беше феноменалниот Сила, кој запиша дабл-дабл учинок од 25 поени и дури 18 скока. Во редовите на гевгелискиот тим најефикасни беа Армстронг со 20 поени и Симиќ, кој постигна 20 поени со 10 скока.

Тиквеш не дозволи победата да замине за Битола

Подеднакво возбудливо беше и во салата „Јасмин“ во Кавадарци, каде што Тиквеш направи голем пресврт против и го победи Пелистер со со 72-70.

Битолските „зелено-бели“ подобро го отворија натпреварот и по првата четвртина имаа предност од четири поени разлика (15-19). Сепак, кавадарчани одиграа одличен втор период кој го добија со 21-15, па на одмор заминаа со минимална позитива од 36-34. Во второто полувреме се водеше израмнета битка за секоја топка, а домашните кошаркари знаеја како да ја сочуваат клучната предност. Тиквеш беше подобар во скок-играта со вкупно 41 скок наспроти 30 на гостите од Битола, што се покажа како пресудно.

Прво име кај победничкиот тим беше Сајкс со дабл-дабл од 21 поен и 15 скока, додека Смит додаде 19 поени. Кај поразениот состав на Пелистер најефикасен поединец беше Вилсон, кој го заврши натпреварот со 16 постигнати поени и пет асистенции.