Машката кадетска кошаркарска репрезентација на Македонија на 14-тото место го заврши настапот во второлигашката конкуренција на Европското првенство.

На шампионатот, чии натпревари се играа во Скопје и Гевгелија, македонските кадети остварија три победи и претрпеа пет порази. Во последниот натпревар одигран попладнево, а за пласман на 13. место, нашите млади кошаркари загубија од Бугарија со 62-102.

Освен почетното водство со 4-0, сè натаму мина во знак на противникот. По нерешените 15-15, Бугарите направија серија од 0-9 и на првата пауза заминаа со предност од 15-24. И во втората четвртина противникот си продолжи со својата игра, па во неколку наврати водеше и со 22 поени разлика. На полувремето македонските „надежи“ имаа висока негатива од 25 поени (29-54).

Уште тогаш беше јасно дека македонските кадети ќе претрпат нов пораз. Тоа се потврди и во вториот дел кој беше само формално одработен, па на крајот Бугарија славеше убедливи 40 поени разлика (62-102).

Повремените блесоци на поединци не може да ја подобрат сликата за очајниот настап на целата репрезентација. Селекторот Стојановски очигледно не успеа да наметне авторитет и дисциплина, па македонската кадетска селекција делуваше како „распашана дружина“.

Следете нé на социјалните мрежи