Скопје викендов е центар на европскиот бокс со одржувањето на јубилејното 55-тото издание на престижниот меѓународен турнир „Златен гонг“. Во спортската сала „Расадник“ во Кисела Вода, под организација на Македонската боксерска федерација, настапуваат 89 боксери од 20 држави.
Најголема ѕвезда во рингот е Украинецот Јуриј Захарјејев, кој е сениорски светски шампион од првенството во Белград од 2021 година. Силниот украински состав го дополнува и Данило Жасан, освојувач на бронзен медал од ланското Светско првенство во Ливерпул. За медали се борат и неговите сонародници Џамал Кулијев и Матвиј Ражба, кои веќе имаат европски титули во младинските категории.
Во женска конкуренција главна фаворитка е Украинката Ирина Луцак, која носи сениорска европска бронза од годинешниот шампионат во Софија. Нејзина противничка во четвртфиналето во категоријата до 80 килограми беше македонската претставничка Марија Костовска. Покрај неа, украинскиот женски тим за медали во Скопје го предводат и трофејните боксерки Наталија Меринова и Анастасија Сарањук.
Од Литванија пристигна Александар Трофимчук, европски вицешампион до 23 години, заедно со искусните колеги Едгарас Скурделис и Алгирдас Баниулис. Репрезентацијата на Молдавија ја предводи младиот европски првак Даниил Гуранда, придружуван од освојувачите на континентални медали Михај Поромбак и Владислав Васковски.
Регионалната конкуренција на турнирот „Златен гонг“ ја засилуваат медалистите Румен Руменов од Бугарија, Хамза Рашљанин од Србија и Башким Бајоку од Косово.
По вчерашните четвртфинални пресметки, денеска од 14 часот во салата „Расадник“ на програмата се полуфиналните борби. Големото финале е закажано за утре од 17 часот, а влезот за сите љубители на боксот е целосно слободен.





































