Машката репрезентација на Македонија за кошаркари до 20 години продолжува со позитивни резултати во подготвителниот период. Нашите младинци ја забележаа и првата гостинска победа. Во Стара Загора беа подобри од Бугарија со 95:86, во првиот од двата контролни натпревари.

Избраниците на селекторот Никола Велев имаа одличен почеток на средбата и уште во првата четвртина покажаа дека се подготвени за силен предизвик. Со агресивна игра во одбраната и ефикасност во нападот, Македонија по првите десет минути имаше предност од 27:18. Бугарската селекција одговори во вториот период и успеа да ја намали разликата, а потоа и да го преземе водството. На полувремето домаќинот замина со минимална предност од 48:47.

Слична беше сликата и во третата четвртина, во која Бугарија го продолжи налетот и поведе со 63:57, а последниот период го дочека со водство од 69:63. Во последните десет минути следуваше најдобрата игра на македонските младинци. Со одличен ритам во нападот и цврста одбрана, нашиот тим целосно го презеде текот на натпреварот. Македонија во оваа четвртина постигна 32 поени, а прими само 17, што беше клучно за конечниот пресврт и победата од 95:86.

Петмина македонски кошаркари имаа двоцифрен учинок. Сергеј Младеновски беше најдобар стрелец со 17 поени, а додаде и по четири скока и асистенции. Лука Марјановиќ и Коста Ќириловски постигнаа по 16 поени, додека Марко Луканоски и Даниел Бутемер завршија со по 10.

Двете селекции ќе одиграат уште еден контролен натпревар во Стара Загора,утре од 12 часот по локално време. Потоа македонските младинци се враќаат во Скопје, продолжувајќи ги подготовките за настапот на Европското првенство од Дивизијата Б во Братислава.

Ова беше втор триумф за селекцијата до 20 години во подготовките, по оној против Босна и Херцеговина во Скопје.