Македонската машка кошаркарска репрезентација до 18 години претрпе пораз од Велика Британија со 83:73 во претпоследниот настап на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Хрватска. Нашите јуниори не успеаја да ја прекинат серијата порази, иако одиграа рамноправно во поголемиот дел од натпреварот.
Македонија подобро го отвори дуелот и по првата четвртина водеше со 21:18. Велика Британија ја презеде иницијативата во вториот период, кој го доби со 25:18, па на одмор замина со предност од 43:39.
Доминацијата на британската селекција во скок-играта беше еден од клучните фактори. Противникот имаше 25 скока, а Македонија само 13 во првото полувреме.
Во третата четвртина Македонија остана резултатски блиску, но Велика Британија во последниот период влезе со водство од 59:54. Во завршницата британските кошаркари стигнаа до двоцифрена предност и ја потврдија победата со 83:73.
Македонската репрезентација утре ќе го одигра последниот натпревар на Европското првенство, во кој ќе се бори за што подобар конечен пласман.



































