Еден ден не делии од стартот на завршницата на кошаркарскиот Куп на Македонија чиј домаќин ќе биде Куманово.

Вечното кошаркарско дерби на градските ривали МЗТ Скопје Аеродром и Работнички секако ќе го одбележи четвртфиналето.

Актуелниот шампиони и бранител на куп трофејот МЗТ Скопје во улога на голем фаворит. Затоа не се ниту изненадувачки очекувањата од таборот на аеродромци:

„Купот е најинтересното натпреварување кај нас, затоа што е без фаворити, тоа се докажало низ годините. За нас отворањето е со вечното дерби, тоа е приказна сама за себе и многу ни е важен.

Нашите цели како клуб се јасни, тоа е трофејот да остане во Аеродром“ – јасен на тренерот на тимот од Аеродром, Васко Атанасов.

Капитенот Дамјан Стојановски посакува повторно да го крене трофејот наменет за победникот. Затоа Дамјан очекува максимален пристап на целиот том во сите натпревари.

„Купот е специфичен и нема фаворити. Ние првиот меч го играме со Работнички, знаеме за каква екипа станува збор.

Мислам дека наше е да го дадеме максимумот, како што ќе се договориме пред меч, така да играме од меч во меч и да дојдеме од трофејот во Купот“, изјави Стојановски.

Шефот на стручниот штаб на „црвено-белите“, Владимир Мирковски, е свесен за тежината која со себе ја носат дуелите со вечниот ривал.

„Отвораме со МЗТ Скопје, можеби најдобрата екипа во првенството. Ние ќе го дадеме максимумот, ја знаеме тежината на градското дерби.

Се надевам дека салата ќе биде исполнета со навивачи и ќе дадеме добра увертира за она што ни следи понатаму“, истакна Владимир Мирковски

Јасно му е тоа и на Виктор Ефремовски кој посакува да победи подобриот.

„Дерби мечевите секогаш имаат посебна тежина, свесни сме за каков натпревар станува збор, па нека победи подобриот на теренот“, изјави Ефремовски.

Натпреварот меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Работнички, ќе се игра утре, а ќе почне во терминот од 14 часот и 30 минути.

Следете нé на социјалните мрежи