Изминатите седум дена Скопје, па и Куманово пулсираа во знакот на младите европски спортисти.
Со синоќешната церемонија пред СЦ Борис Трајковски во Скопје, беа затворени ЕМОФ „Скопје 2025“ . 50 делегации со над 4200 спортисти беа дел од овие игри, а од нив вкупно 40 земји имаа носители на медали.
Италија нај трофејна, Македонија најбројна, но без медал
Италија, која ќе биде домаќин на следните игри ги има најуспешните миди спортисти. Азурите собраа вкупно 50 медали од кои 19 златни. Зад нив завршија Франција со вкупно 38, па Шпанија со 33 и така-натаму.
Македонија иако најбројната со 181 спортист, во сите спортови, на крајот ниту еден не успеа да се качи на пиедесталот и да освои медал.
Како во поединечните, така и екипните спротиви, нашите млади спортисти беа далеку од конкуренцијата.
Организациски можевме и моравме многу подобро
За организацискиот дел. Со бројни недостатоци и пропусти, особено во пропратниот дел, надвор од борилиштата, сите натпревари според предвиденото сепак се одржаа.
Обвинувањата за организациските пропусти од една на друга, па трета институција не држат вода. Одговорност имаат сите, па дури и ние како граѓани на Скопје, Куманово, на Македонија во целост.
Сите заедно, можевме и моравме да се потрудиме на овие млади спортисти да им го доловиме најдоброто од Македонија. За жал целосната слика не успеавме да ја доловиме.
Најсветла точка беа стотиците волонтери кои несебично се вложуваа да им ја олеснат работата на организаторите и спортистите.
Одговорноста за лошите резултати, не може да се избегне
Игрите кои во суштина се фестивал на кој младите европски спортисти може да видат до каде се против своите врсници и конкуренција, на спортски, резултатски план, за Македонија може да се опишат само со еден збор, дебакл.
Изговорите на поединци (федерација) од типот „најдостоинствен претставник на Македонија“ се повеќе од срамни. Неуспехот е на сите во мак-спортот, а муабетот од тимот „ние бевме помалку лоши од другите“ не држи вода.
Организаторот МОК, Министерството за спорт, а првенствено националните федерации и клубови, ќе мора да седнат и да се погледнат во очи и да си признаат дека во периодот од две години, откако ги добивме игрите, па се до нивното одржување, очигледно ништо не е сработено.
Којзнае кога ќе имаме повторно ваква шанса, во толкав број да собереме спортисти на едно место во Македонија.

































