Со комплетирањето на претпоследното коло во кошаркарска супер лига, познати се три од шесте екипи што ќе играат во плеј-офот, но и четири од шесте што ќе се борат за опстанок.

Откако во дербито, МЗТ Скопје по продолжение го победи Работнички, најтрофејниот македонски клуб, прв пат во историјата, нема да влезе во плеј-офот. Работнички на коло до крајот има две победи помалку од Куманово кој славеше против Кожув.

Кумановци имаат „скор“ 10-11 (победи-порази) како и тимовите на Тиквеш и Чаир, а заостануваа за една победа зад Маџари и Кожув. Меѓу овие екипи во последното коло ќе се води борбата за преостанатите три места што водат во плеј-офот, но и оние во разигрувањето за опстанок.

Екипите на ТФТ и МЗТ Скопје кои се борат за првото место, директно обезбедија пласман во полуфиналето. Пласман во четвртфиналето има загарантирано и битолски Пелистер.

Покрај Работнички за единственото место што гарантира опстанок во Супер лигата ќе играат Феникс, Гостивар и Ангели.

Според системот на натпревари, двата првопласирани тима (ТФТ и МЗТ) директно обезбедуваат полуфинале. Екипите од третото до шестото место ќе играат во четвртфиналето. Оние кои пака ќе завршат од 7 до 12 место ќе се борат за опстанат. Трите најслабо рангирани ќе се преселат во понизок ранг на натпреварување (Првата лига).