Нова пресметка на „лутите“ ривали во македонскиот ракомет се игра попладнево во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола. Кај шампионот Еурофарм Пелистер гостува Вардар. Ова воедно е еден од петте натпревари од 15.коло од Супер лигата што се играат попладнево. Дуелите на двата тима знаеле да решаваат многу особено во борбата за шампионската титула, а во ова првенство победата е дополнителен мотив и тоа што во борбата за првото место е и моменталниот лидер Алкалоид. Првиот натпревар во Скопје заврши со триумф на Вардар од 27:24.
Битолчани за разлика од лани во Лигата на шампионите успеаја да забележат и две победи со два нерешени резултати што покажува дека тимот полека ја зазема вистинската насока, додека Вардар „во од“ ги консолидира редовите по ланската сезона и со по хомоген состав ја игра сезонава. Евронастапот го заврши според можностите, а дуелите со Порто се покажаа решавачки.
Посебен белег на денешниот дерби дуел се тренерите Раул Алонсо кај Еурофарм Пелистер и Гиљермо Милано кај Вардар, а ќе биде интересно да се види кај нивниот „јужњачки темперамент“ ќе се прилагоди на условите во македонското ракометно дерби.
Домаќинот Е.Пелистер најави дека натпреварот ќе биде и од хуманитарен карактер, особено што експресно брзо беа продадени сите влезници за дербито.
И како што прилега еден ваков натпревар ќе го судат најдобрите македонски и светски судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, а на записничката маса ќе бидат Марјан Начевски и Драган Начевски. Почетокот на натпреварот е во 18 часот.
Сите натпревари може да ги гледате ВО ЖИВО ОВДЕ
СУПЕР ЛИГА – 15.КОЛО
13:30 СТРУГА – МРК КУМАНОВО
18:00 ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – ВАРДАР
18:00 БИСИНОВ Ф.Л. – ПРОЛЕТ 62
18:00 БУТЕЛ – РАДОВИШ
18:00 ТИКВЕШ – ОХРИД
ВЧЕРА:
ПРИЛЕП – АЛКАЛОИД 30:40