Ракометарите на Вардар се многу блиску до освојување на шампионската титула во домашното првенство.
Вардарци имаат четири бодови предност во однос на главниот конкурент и актуелен првак Еурофарм Пелистер. Ова откако битолчани очекувано го добија дуелот од 4.коло во плеј-офот протоив Бутел. Но, вардарци имаат еден натпревар помалку оној со Охрид.
Тој натпревар беше одложен поради настапот на охриѓани во четвртфиналето на Европскиот куп, во кој го совладаа Олимпијакос во Атина.
Јасно им е на вардарци дека престојниот натпревар нема да биде ни малку лесен па затоа од таборот на Вардар решија, вратите на „Јане Сандански“ ширум да ги отворат.
„Ова е моментот кога тимот има потреба од секој глас, од секоја поддршка и од полни трибини. Вардар се бори за враќање на титулата во Скопје, а токму ваквите натпревари се оние што ја прават разликата.
Да ја наполниме салата.
Да создадеме атмосфера каква што само Вардар знае.
Се гледаме во „Јане Сандански“.
Натпреварот кој може да биде решавачки за титулата, Вардар и Охрид ќе го играат во четврток (2 април) од 18.30 часот.
































