Тенискиот меч на денот за нас е секако полуфиналето на фјучрсот во Скопје меѓу македонскиот тенисер Калин Ивановски и Ерги Киркин од Турција, додека на Ролан Гарос се очекуваат финалните пресметки во Скопје во сабота на фјучрсот со награден фонд од 25.000 долари се играат полуфиналните дуели.

19-годишниот македонски тенисер Калин Ивановски (421.место на АТП листата) денеска во Скопје на Централниот терен на ТК Југ ќе го игра своето 10.то полуфинале во сингл и досега има скор од 6 победи и 3 порази. Тој за ривал ќе го има турскиот тенисер Киркин (24 години, 473.место на АТП листата). Киркин досега на турнирите има скор од 182-128 (победи-порази), додека Ивановски е со скор 68-50.

Нашиот тенисер најдобриот ранг го имаше на 22.мај годинава кога беше на 415-то место, додека Киркин на 25.јули 2022 година беше рангиран на 270-то место што е негов најдобар ранг. Во моментов тој е четврти рангиран тенисер од Турција на АТП листата.

Ивановски досега во кариерата има шест финалиња и три турнирски победи сите во 2022 година (Мадрид, Хераклион и Монастир) и три порази во финалните мечеви во 2023 година.

Киркин има 9 титули на ИТФ турнирите (7 на земјена подлога, а 2 на тврда подлога) и 4 загубени финалиња. Оваа година триумфираше на турнирот во Добој, а лани во Телфс (Австрија), а три турнирскипобеди има и во 2021 година (Уеберлинген,Парну и Вејле), во 2020 година во два наврати победи на турнири во Монастир, а во 2019 две турнирски победи запиша во Анталија.

Според програмата мечот меѓу Ивановски (4.носител) и Киркин (5.носител) нема да почне пред 14:30 часот. Првото полуфинале меѓу Саша Вајенбург (3.носител) од Франција и Вито Тонејц од Хрватска ќе почне во 10 часот, а по одморот на францускиот тенисер ќе следува и финалето во двојки меѓу Вајенбург и Антоан Оанг (Франција) против Јанаки Милев и Петр Нестеров (Бугарија). Овој меч нема да почне пред 13 часот.

Полуфиналистите ќе освојат по 8 АТП поени и 1.255 долари, финалистот ќе освои 16 поени и 2.120 долари, а победникот на турнирот 25 поени и 3.600 долари.

Дваесет и пет поени ќе добие и секој од дублот, додека како „тим“ ќе освојат 1.550 долари. За финалистите има по 16 поени, а „тимот“ ќе добие 900 долари.

Влезот е слободен, а сите мечеви се играат на Централниот терен.