Олимпискиот првак Франција го надигра европскиот шампион и домаќин на првенството Шведска со (31:26) и со тоа спречи реприза на финалето од последното Светско првенство од пред две години. Франција и Данска повторно ќе играат во финале на СП во Стокхолм како пред 12 години, а Шведска повторно иако домаќин не стигна до финалето. Домаќинот Шведска настапи ослабен на овој полуфинален натпревар бидејќи најдобриот играч Џим Годфридсон поради скршен прст на четвртфиналето со Египет не беше во составот. На спротивната страна поради повреда селекторот на Франција Жил со лимитирана минутажа го користеше Никола Карабатиќ, кој има повреда на стопалото.

Во второто полуфинале домаќинот Шведска единственото водство го имаше во 7.минута (3:2), потоа Французите со серија од четири голови поведоа со 6:3 во 12.минута. Набрзо потоа голманот на Франција Жерар влезе во серија одбрани и заедно со комплетната одбрана одржуваа предност. Сепак Шведска во 21.минута намали на 10:9, но следеше нова низа голови (4) за Франција за 14:9.

Шведска до крајот на првиот дел намали на 16:12. Голманите на двете репрезентации имаа по 7 одбрани Жерар (Франција) и Паличка (Шведска).

Вториот дел почна си изедначена игра во која Французите го одржуваа водството пред се благодарение на трпеливиот напад и головите постигнати од пикерската позиција. Сепак Шведска успеа да намали на 22:24 во 48 минута, но потоа повторно на сцена стапи голманот Жерар со неколку одбранети „зицери“.

Најефикасен на дуелот беше Французинот Лудовик Фабрегас со 6 голови од 7 обиди, додека Жерар натпреварот го заврши со 12 одбрани.