Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром го забележа петтиот последователен пораз во ФИБА Европа Купот на гостувањето во Полска. Скопскиот состав загуби од Џики Варшава со убедливи 89:66, продолжувајќи ја лошата серија без ниту една победа оваа сезона.
Домашниот тим целосно ја презеде контролата од самиот почеток и замина на полувреме со висока предност од 47:31. Во продолжението полскиот претставник рутински го одржуваше водството и не дозволи македонската екипа да се врати во натпреварот.
Најефикасен кај победниците беше Џозеф Жирард со 18 поени, додека кај МЗТ единствен двоцифрен беше Адем Мекиќ со 11 поени.
Следниот натпревар во ФИБА Европа Купот македонскиот тим ќе го одигра на 11 ноември на гостувањето кај грчкиот претставник Ираклис.


































