Нема Македонец кого не го боли синоќешниот пораз на фудбалската селекција на Македонија од Данска.
Селекторот Гоце Седлоски на прес-конференцијата по натпреварот најави дека нема веднаш да анализира „со вжештена глава“. Седлоски најави тоа ќе го стории деновиве, пред дуелот со Република Ирска.
Уште на час пред почетокот на натпреварот, остана енигмата околу изборот на Седлоски за стартните 11-мина. На клупата останаа Бојан Миовски и Александар Трајковски. Македонија со она што го „извади“ Седлоски не упати ниту еден удар во рамките од голот на Данците. И нормално е по таквите настани на теренот да дојде и до коментари и критики.
Една од оние кои остави најголем впечаток е на сопругата на Александар Трајковски, човекот кој пред четири години ја „урна“ Италија и донесе голема радост на Македонија.
Госпоѓата Александра Трајковски во својот пост на Фејсбук меѓу другото напиша:
„Бидејќи кога ќе престанеме да ги цениме вистинските вредности, кога ќе заборавиме кој градел и дал – тогаш не го губиме само играчот.
Го губиме образот. Го губиме разумот“.
И да, госпоѓа Трајковски е во право.
Обидот на селекторот „ги користев тие што се стандардни во клубовите“, не држи „вода“. Експеримент (безуспешен) на ваков натпревар не ни требаше. Она што ни требаше беше искуството на вакви натпревари, а тоа Александар Трајковски го има бидејќи зад себе има 98 репрезентативни настапи.
И само да не заборавиме. Дента кога македонските репрезентативци тргнаа на пат кон Копенхаген, расположението дополнително беше зголемено со присеќавањето на голот на Трајковски против Италија во 2022 година.
Инаку пред Трајковски на вечната листа се само Горан Пандев со 122 настапи и актуелниот селектор Гоце Седлоски кој има 100 настапи, само два повеќе од Александар. Коинциденција или не, просудите од коментарот на г-ѓа Трајковски.
Гледав нешто вечерва што искрено ме повреди.
Не само како сопруга, туку како некој кој знае колку труд, откажување и живот стојат зад вистински професионалец.
Гледав човек кој со години без резерва даваше за екипата, за репрезентацијата – човек кој толку придонесувал за својата земја, своите игри, своето срце – седи на клупата.
И молчи. Достоинствено!
Но не можам да молчам.
Бидејќи ова не е во ред.
Ова не е хумано.
Ова не е правда.
Во време кога квалитетот, искуството и лојалноста треба да бидат репер на сè, ги гледаме оние кои со години го носеле товарот и одговорноста.
И најтешко од сите – како да станало нормално.
Тоа не е нормално.
И не треба да биде.
Не барам привилегија.
Не барам ништо што не е заработено.
Но, барам почит за работата, за трудот, за години кои не можат да се вратат.
Бидејќи кога ќе престанеме да ги цениме вистинските вредности, кога ќе заборавиме кој градел и дал – тогаш не го губиме само играчот.
Го губиме образот.
Го губиме разумот.
И тоа најмногу боли.
Човек кој многу и даде на репрезентацијата – вечерва немаше шанса да ја сними својата 99-та. изведба .
Се може да се прочита меѓу редови.
Добра ноќ …






























