Кошаркарите на Маџари се првите, сензационални, финалисти во плеј-офот на македонското првенство. Дебитантот во елитната Супер лига, со две победи во полуфиналето го елиминира минатогодишниот вицепрвак ТФТ.

Натпреварот број 2, одигран вечерва во населба Маџари, истоимената домашна екипа по голема драма го совлада ТФТ со 71-69 и со 2:0 во победи ја затворија серијата.

Целиот натпревар мина во израмнета игра. Воведните 10 минути им припаднаа на домашните кошаркари со 29-24, а во вториот квартал гостите од Тафталиџе беа подобри со 9-15. Затоа на паузата меѓу двете полувремиња ТФТ замина со само еден поен предност 38-39.

И во третиот квартал, се водеше голема борба. Имаа свои моменти на добра игра и водство двете екипи, но по 30.минути игра резултатот беше израмнет 55-55. Последната четвртина двете екипи ја почнаа нервозно. Како резултат на таквата игра ТФТ направи дури 5 грешки за неполни две минути. Маџари не успеа којзнае колку да го искористи тоа, па поведе само со три разлика (59-56). Во последните 47.секунди се влезе со израмнет резултат 65-65. Американецот, Луис за Маџари реализира две слободни фрлања за водство 67-65. ТФТ не искористи напад на спротивната страна, а техничката грешка на клупата на гостите. Луис ја казни за 68-65.

За драмата да биде уште поголема се погрижија гостите. При резултат 71-69 за Маџари, репрезентативецот Ташовски беше фаулиран во обид за три поени. Сепак, раката затрепери, па ги промаши првите две слободни фрлања за израмнување, а третото мораше. Но не стигаа до уште една шанса играчите на ТФТ па Маџари можеше да се радува и слави.

Така во својата кратка (нова) историја, тимот на Маџари се избори за прво историско финале. Кој ќе биде нивниот противник таму ќе дознаеме утрешната мајсторката меѓу МЗТ Скопје и Пелистер.