Машката јуниорска кошаркарска репрезентација на Македонија ја извојува првата победа на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Хрватска.

Нашите млади кошаркари во директен дуел за 4.место во групата „Д“ ја совладаа селекцијата на Шведска со 69:60.

Иако противникот замина на пауза со минимално водство од 31:30, македонските јуниори одиграа супериорно второ полувреме. Со одлична одбрана, поголема енергија и колективна игра, тимот целосно ја презеде контролата врз случувањата на паркетот.

Клучниот пресврт се случи во третата четвртина, кога нашите репрезентативци стигнаа и до двоцифрена предност.

Капитенот Григориј Ѓорѓевиќ ги предводеше нашите кошаркари со 17 поени, 11 асистенции и осум скока. Значаен придонес во триумфот даде и Цветковски со 12 поени, а Малиниќ запиша 11 поени и 10 скока. Данев исто така го заврши натпреварот со двоцифрен учинок од 10 постигнати поени.

Со оваа значајна победа Македонија обезбеди пласман во разигрувањето за позиција од 9 до 16 место на шампионатот. Следува ден одмор, а потоа нов дуел.