Битолчани се пофалија. Завршена е реконструкцијата на спортската сала „Боро Чурлевски“.

Со натпреварот Еурофарм Пелистер – Колштад, што ќе се игра во среда, овој спортски „храм“ ги отвора вратите за натпреварите од Лигата на шампионите.

Општина Битола, ги заврши потребните инфраструктурни активности, согласно пропишаните европски стандарди.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, посака многу среќа и нови успеси за македонскиот, битолскиот клуб РК Еурофарм Пелистер.

„Завршуваат подготовките во спортската сала „Боро Чурлевски“, пред почетокот на новата Лига на шампионите. Со интензивна работа од страна на Општина Битола и во соработка со јавните претпријатија, приватните фирми и активна вклученост на приватниот партнер кој е дел од клубот, ги исполнивме потребните, високи европски стандарди. Со дуелот меѓу македонскиот првак, нашиот РК Еурофарм Пелистер и норвешкиот првак Колштад, во среда спортската сала „Боро Чурлевски“, ги отвора вратите за Лигата на шампионите“, вели Коњановски.