Голема победа во првото коло на ЕП во групата Ц во Скопје за македонските одбојкари кои ја совладаа Данска со 3:1.

Резултат по сетови: 22:25; 25:22, 25:19 и 25:22.

Почетокот на натпреварот беше во грч за двете репрезентации, а по водството на Данска од два поена Македонија имаше предност од 8:6. Сепак противникот направи серија од 5-1 за водство од 11:9. На сервис на капитенот Ѓорѓиев со два блока изедначивме, а потоа блокот ни донесе уште еден поен. Данска го врати водството со два добри сервиси, па македонскиот селектор Миленковски побара тајмаут. Данска продолжи да одржува ритам и поведе со 18:14 за втор тајмаут на Миленковски. До крајот на сетот данскиот тим ја задржа предноста и го доби сетот со 25:22.

Во вториот сет првата грешка беше за македонските одбојкари и противникот поведе со 7:5, сепак брзо се вративме за 7:7. Данска пак се одлепи со 13:11 и македонскиот тим повторно го “бркаше” резултатот. По смечот на Љафтов, Македонија поведе со 18:17. Со асот на Ѓоргиев Македонија поведе со 19:17. Откако македонскиот тим ја зголеми предноста го освои сетот со 25:22.

Почетокот на третиот сет беше во знакот на момците во црвени дресови (Македонија). По 2:1 за Данска капитенот Ѓорѓиев сервираше петпати за водство од 6:2. Македонија поведе со 10:6, а по двата поена на Данска Миленковски бараше тајм аут. Не беа поени во серија македонскиот тим го зголемуваше водството и по 17:11 данскиот селектор побара втор тајм аут. Во играта поен за поен повеќе сигурност и желба имаше кај македонските одбојкари и сетот го завршија со 25:19.

Во четвртиот сет се играше поен за поен до 6:6, потоа Македонија поведе со 8:6, но Данска врати со 8:8. По водството на Данска од 15:14 Миленковски зема тајм аут за да ја прекине серијата на ривалот. Данска во продолжението го задржа ритамот и поведе со 19:17 за нов тајм аут на нашиот селектор.

Во завршницата на сетот Македонија изедначи на 21:21, а по сервисот на Милев, Љафтов донесе поен за 23:22 и тајмаут за данскиот селектор. По блокот на Љафтов и Маџунков Македонија дојде на меч топка. За победничкиот поен решаваше челинџот откако смечот на Н.Ѓорѓиев од данскиот блок заврши во аут.

Македонија следниот натпревар го игра во сабота со Црна Гора.