Македонскиот ракометен вицепрвак Еурофарм Пелистер утре го пречекува германскиот Гумерсбах во обид да ја оствари првата европска победа. Натпреварот од 4.коло е од огромно значење за битолскиот клуб во битката за следната фаза во ЕХФ Европската лига.
 
Тренерот Лино Червар потенцираше дека екипата е подготвена за голема борба против силниот бундеслигаш. Искусниот стратег побара максимално залагање од своите избраници.
 
„Ја користам приликата да ѝ се заблагодарам на публиката за поддршката, но мислам дека мораме да одиме чекор по чекор. Секако нашата прва цел е домашното првенство, но повторно ќе се обидеме и во Европа да покажеме дека знаеме нешто. Во секој случај, мислам дека ќе дојдат добри денови кога повторно ќе го донесеме Еурофарм Пелистер на она место кое го заслужува., изјави Червар.

Противникот доаѓа без повредениот Рогановиќ, но располага со исклучително широк и квалитетен ростер. Нашите ракометари немаат право на нов кикс пред домашните навивачи во салата.

„Тие доаѓаат без еден добар играч, Рогановиќ. Јас мислев дека ќе бидат нешто послаби, но не е така. Тие се силна екипа која има квалитетни играчи од цела Европа. А тоа не се само обични играчи, тоа се играчи кои завршиле ракометна школа, ги земале токму најдобрите играчи од другите земји.
Тие можеби се фаворити, а ние мораме да покажеме голема волја и желба за да се избориме за позитивен резултат“, додаде Червар.

Еурофарм Пелистер по три одиграни натпревари со само еден освоен бод е последен на табелата во Г групата, а заостанува два односно три бодови во однос на ривалите. Шансата за пласман во следната фаза сеуште постои, но во претстојните три средби ќе мора да се остварат победи. 
Какви ќе останата шансите по утрешниот меч со Гумерсбај што ќе се игра во Битола со почеток во 20:45 часот, останува да видиме.