Македонската фудбалска репрезентација со убедлив пораз од Словенија (0:3) го заврши настапот во Лигата на нации. Mаксимални, но порази, а ги имаше вкупно шест Макеоднија, која постигна само еден и прими 15 голови.
По натпреварот, селекторот Гоце Седлоски упати јавно извинување до целата македонска јавност за катастрофалниот циклус. Тој потенцира дека и самиот е шокиран од пристапот без никаква енергија и мотив пред домашната публика.
„Морам да се извинам во мое име и во име на играчите на македонската јавност за овие натпревари во Лигата на нации кои ги одигравме без победа и со само еден постигнат гол. На денешниот натпревар не знам што се случуваше – играме тука на свој стадион без желба, без мотив, примаме голови од наши грешки.
По силниот натпревар што го одигравме во Шкотска мислев дека малку ќе се дигнеме, но денес бевме на многу лошо ниво. Им честитам на Словенија за победата.
Сите заедно сме во ова – ниту јас сум очекувал вакво нешто, ниту играчите очекувале толку порази. Но, тоа е што е, мораме да се дигнеме, да работиме понатаму и со детални анализи да дојдеме до посакуваните победи, особено затоа што нè очекува и баражот.“
Запрашан дали може да се извлече нешто позитивно од овој циклус во кој продефилираа дури 27 фудбалери, селекторот посочи дека процесот на подмладување е тежок. Тој потенцира дека ова се играчите со кои Македонија располага во моментов.
„Тешко можам да издвојам нешто позитивно, освен оние два-три натпревари на гости каде што покажавме пас-игра и агресија, односно она што го барам од нив.
За жал, не постигнуваме голови, а лесно ги примаме.
На сите повикани играчи во Лигата на нации им дадов шанса за да видам со што располагаме – тука има и млади, и играчи од македонската лига, и интернационалци. Тоа се играчите, да имаше други нормално дека би ги повикал, но овие што ги имаме мора да ги чуваме.
Како што сум кажал многу пати, правиме подмладување и ги бараме вистинските решенија. Се надевам дека брзо ќе ги заборавиме овие натпревари бидејќи мораме под итно да се дигнеме.“
Според Седлоски, паузата до наредните репрезентативни предизвици мора да се искористи за искрено соочување со грешките во соблекувалната.
„Имаме два-три месеци добро да ги анализираме овие натпревари од Лигата на нации, да застанеме сите и да си погледнеме во очи – каде и што сме грешеле, за тие работи да ги исправиме пред баражот и квалификациите.“
Кои ќе бидат противниците на Македонија во баражот за опстанок во Б дивизијата од Лигата на нациите ќе дознаеме во петок.

































