Најголемите ривали во македонската кошарка, вечерва испишуваат нова страница во меѓусебните дуели. Вечното дерби меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Работнички ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“. Големите ривали ќе се соочат во 172-от меѓусебен натпревар. Овојпат во директен судир од самиот врв на табелата во кошаркарската Супер лига.

Совршен старт на Работнички, МЗТ со шанса за врвот

Клубот од Градски парк влегува во дербито како лидер на табелата со максимални шест победи од шест натпревари (12 бода). Од друга страна, актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром има учинок од пет победи и еден пораз (11 бода). Со евентуален триумф вечерва може да се израмни со најголемиот ривал на врвот на првенствената табела.

Доминација на МЗТ Скопје во последните 8 пресметки

Иако Работнички и натаму има предност во вкупниот историски биланс, аеродромци апсолутно доминираат во последните меѓусебни дуели. По последната победа на „црвено-белите“, тимот од Аеродром врза осум победи по ред против најголемиот ривал. Во серијата се вклучени натпревари од домашното првенство, Купот на Македонија и Суперкупот.

Вкупен биланс од 171 одиграно вечно дерби

Во пресрет на вечерашната пресметка, статистиката од досегашните 171 одигран меѓусебен натпревар изгледа вака.
🔴 Работнички: 92 победи
🔵 МЗТ Скопје Аеродром: 79 победи

Работнички ќе се обиде да ја продолжи перфектната серија сезонава и да ја забележи првата победа против МЗТ по речиси три години. Последен пат „црвено-белите“ се радуваа на 25 јануари 2024 година. Тогаш на гостински терен славеа со 95:91 во 164-тот вечно дерби. Од друга страна, „штрковите“ пред својата публика ќе атакуваат на деветти триумф во низа против вечниот ривал.

Историјата и моменталниот пласман на табелата се на страната на клубот од Градски парк, но меѓусебната серија му оди во прилог на бранителот на титулата. Кога играат вечните ривали, статистиката често останува само увертира за уште едно големо кошаркарско шоу.

Вечното дерби МЗТ Скопје – Работнички ќе почне од 19 часот, а ќе може да го ГЛЕДАТЕ ВО ЖИВО ОВДЕ 👇