Фудбалска репрезентација на Македонија вечерва го игра последниот натпревар од УЕФА Лигата на нации. Во Скопје гостува селекцијата на Словенија. На трибините, како специјален гостин ќе биде и првиот човек на европскиот фудбал, претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.

Чеферин престојува во посета на Скопје по покана на првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ. По повод средбата, претседателот на ФФМ преку социјалните мрежи изрази големо задоволство од присуството на високиот гостин.

„Некои гости не доаѓаат само во посета, туку се враќаат затоа што имаат причина да се чувствуваат добредојдени. Големо задоволство е повторно да го пречекам претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, кој на моја покана престојува во приватна посета на Македонија и ФФМ.

Вечерва заедно ќе го следиме дуелот Македонија – Словенија. На теренот секој за своите, надвор од него, повеќе од пријателство. Добредојде повторно, Александар. Македонија е секогаш добар избор! Посебно, денеска“, напиша Омерагиќ.

Кој ќе се радува и ќе биде задоволен од резултатот на својата репрезентација останува да видиме по натпреварот што ќе почне од 20.45 часот.