По една седмица подготовките во Крушево машката сениорска репрезентација на Македонија вчера попладнето ја напушти стартната локација. Денеска репрезентативците добија слободен ден, а пладне треба да се јават на нов собир во Скопје.
По комплетирањето на првиот дел од подготовките селекторот Миленкоски го скрати и списокот на 17 одбојкари. Тој ќе смета за претстојните натпревари, а во составот нема поголеми изненадувања. Во најголем дел играчите кои го носеа товарот и на претходните акции и сега ќе ја имаат истата задача. Шанса за докажување добиваат младите Лука Ристоски, Јован Милев, Митко Спасов и Филип Јованов.

Во Скопје мажите ќе се подготвуваат се до 27 мај кога патуваат за Подгорица каде ќе одиграат пријателски двомеч со репрезентацијата на Црна Гора.
Првиот турнир од трите турнири во Европската лига, македонските одбојкари ќе го играат на домашен терен. Од 5 до 7 јуни нашите одбојкари ќе играат во салата „Парк“ во Струмица, против Холандија и Луксембург.


































