Најдобрата женска одбојкарска репрезентација на Македонија, вчера се собра за подготовките за настап во Европската лига. По прозивката што ја направи новиот селектор Милош Гавриловиќ македонските одбојкарки денеска почнуваат со тренинзи.

На поширокиот список на Гавриловиќ се многу нови имиња, но и искусната интернационалка Ерјона Јонузи која позитивно гледа на промените кои се случуваат во репрезентацијата. 

Имаме многу промени во екипата оваа година. Пред се, нов стручен штаб и нов селектор, како и подмладена екипа, дел од поискусните не се со нас во овој циклус.

Времето ни е кусо и мораме што побрзо да влеземе во системот и начинот на работа на селекторот. Истовремено ние што имаме малку поголем стаж во репрезентацијата треба да им помогнеме на младите што подобро и побрзо да се вклопат и да ја градиме иднината на македонската женска одбојка.

Оваа Европска лига ќе биде потешко, но ништо не е невозможно, очекуваме повторно позитивни резултати.
Сите сме оптимисти и одлично расположени, подготвени за работа влегуваме во овој циклус, кој мислам дека на крајот ќе има позитивен исход“, изјави Јонузи

Репрезентацијата веќе го одработи и првиот тренинг, иако некомплетна. Одбојкарките на Работнички Скопје и Наковски Волеј добија дополнителен ден за одмор, со оглед на напорната финална серија од првенството која за нив заврши пред три дена.

Комплетниот подготвителен процес дамите ќе го спроведат во СЦ „Форца“ во Скопје. Контролниот двомеч со Косово на 29 и 30 мај ќе биде финална проверка на силата пред настапот во Европската лига. Првиот турнир одбојкарките ќе го играат во Португалија од 5 до 7 јуни.