Во 78 година од животот почина основоположникот и легендарен претседател на РК Пелистер, Силјан Мицевски. Силјан Мицевски е роден на 16 октомври 1945 година во Битола. Магистрирал во Софија, на отсекот Економија и менаџмент, со што се стекнал со титулата магистер по менаџмент.
Битола, градот на конзулите, како што го нарекуваат, е родното место на Силјан Мицевски и неговото семејство. Битола беше неговата гордост, инспирација и предизвик. Тоа е градот во кој Силјан помина голем дел од животот и постигна значајни резултати како успешен и деловен човек, спортист, активист, градоначалник, хуманист, како и признат граѓанин на Битола, на Македонија и пошироко на овие балкански и европски простори.
Битола е седиште и на десетина почесни конзулати, меѓу кои на: Франција, Велика Британија, Турција, Романија, Грција, Русија, Словенија, Бугарија, Хрватска и Србија чиј почесен конзул беше Силјан Мицевски.
„Љубовта кон ракометот е од таков интензитет и димензии што никогаш ниту престана, ниту некој посегна да му ја оттргне од емоциите. Имало меѓуфази, имало најразлични пулсативни амплитуди, но во конечна смисла и кога играта на паркетот е во прашање и кога судењето било предизвик, тој ја давал најсилната поддршка за овој спорт на кондиција, уметност, работа, талент, знаење, досетливост, волшебност и благородност. Затоа, кога се портретира големиот Силјан, спортувањето и неговата љубов, наречена ракомет, се огромни.
Со Мицевски како претседател Пелистер стана југословенски гигант, се бореше со најдобрите европски екипи и постави култ каков што нема на овие простори, па и во Европа. Со Мицевски на чело Пелистер дојде на чекор до титула во најсилната лига во светот – југословенската лига, првпат играше во Европа, првпат за игра во Лигата на шампионите, освои пет титули шампион на Македонија и ја предизвика страста на цел еден град за ракометот, како култ на кој сите му завидуваат. Љубовта кон вистинските вредности и спортот ја пренесе на неговото семејство, кое и денес со успех го води клубот. Вечна слава“, се вели во соопштението на Пелистер.