Македонската одбојкарска репрезентација го претрпе третиот пораз во група Ц во Скопје откако вечерва загуби од Чешка со 3:0.
Со тоа Македонија го освои четвртото место во групата и во осминафиналето во сабота во Бари ќе игра против Италија. Резултат по сетови: 19:25; 23:25, 17:25.
Првиот сет почна со предност на Чешка, а македонскиот состав иако во првата постава го имаше и капитенот Никола Ѓорѓиев како да беше во грч, па селекторот Миленковски по 5:9 побара тајм аут. Слабиот прием на сервисот донесе и водство на Чешка од 15:8.
Во продолжението на сетот постојано ја “бркавме” предноста на противникот. Сетот заврши со 25:19.
Одбојкарите на Чешка продолжија со високото ниво на игра, додека нашиот тим немаше решение за нападот на ривалот и првите блокови ги имаше кон средината на сетот за израмнување 9:9. По неколку размени на поени Чешка поведе со 15:12, па македонскиот селектор Јошко Миленковски побара тајм аут. Во продолжението од сетот Македонија резултатски се доближи, но сепак сетот заврши со 25:23 за Чешка.
Третиот сет почна резултатски неизвесно и нерешено со тоа што Чешка постојано имаше водство од еден поен. Така беше до 8:8, а Чешка ја врати играта од првиот сет и поведе со 14:10. До крајот на сетот противникот само ја зголемуваше предноста.
Првото место во групата го освои Полска, пред Холандија, Чешка е трета, Македонија четврта пред Црна Гора, а последна е Данска.