Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер одигра драматичен натпревар со полскиот Вибжеже во Гдањск. Имаа победа во рака пелистерци, а на крајот се спасија и од пораз. Натпреварот од 2.коло на ЕХФ Европската лига заврши без победник 31-31. 

 Иако домашниот им почна со два врзани гола, пелистерци возвратија со пет неодговорени (2-5). Тимот на Вибжеже успеа да ја надополни негативата и да израмни на 6-6. Оттогаш па се до крајот на полувремето си играше гол за гол, а зелено белите од Битола заминаа со еден предност 16-17. 

Во раната фаза од вториот дел зелено белите повторно успеаја да дојдат до три гола предност. 

Предводени од капитенот Кузмановски но и голманот Хејдарид, македонскиот вицепрвак знаеше како да ја одржува предноста, но се до завршните три минути. Во нив пелистерци не успеаја да постигнат ниту еден гол па му дозволија на противникот во завршните седум секунди да напаѓа за победа.  Сепак, за среќа на битолчани, обидот на Гибала врши од пречката над голот на пелистерци. 

Ова е првиот освоен бод за Еурофарм Пелистер во Европската лига. 

Кузманоски беше убедливо најдобриот стрелец постигнувајќи 15 голови. Успешно имаше и новото засилување Нтанзи кој натпреварот го заврши со 7 постигнати гола. 

Во следното трето коло македонскиот вицепрвак го чека тешко гостување во Германија кај тимот на Гумерсбах. Тој натпревар ќе се игра на 13 октомври.