Се е подготвено за 54-тото издание на меѓународниот традиционален ракометен турнир „Струга 2026“.

Од 12 до 15 август РК Струга повторно ќе угости повеќе екипи кои низ турнирските натпревари ќе ја подигнуваат формата за претстојната, нова сезона.

,,Струшкиот ракометен турнир е многу повеќе од неколку натпреварувачки денови.

Тоа е заедничка приказна која ја градиме веќе 54 години”,

истакна Милчо Чакарески, спортскиот директор на РК Струга и претседателот на организацискиот одбор.

За да го задржи префиксот „меѓународен“ турнир, стружани годинава ќе угостат само една екипа од странство. Тоа е српскиот тим на Дубочица од Лесковац која заедно со домаќинот Струга и екипата на ГРК Охрид ќе игра во „Б“ групата.

Во конкуренцијата „А“ ќе бидат актуелниот македонски шампион Вардар, скопски Бутел и тимот на Прилеп.

Во досегашните 53.изданија на турнирот најуспешни учесници се РК Вардар и РК Еурофарм Пелистер, кои имаат освоено по 14 трофеи. Актуелен бранител на титулата е РК Охрид, кој минатата година во финалето го совлада РК Бутел Скопје и за првпат го освои турнирот.