Кадетската ракометна репрезентација на Македонија ја продолжи победничката низа на Европскиот шампионат во Белград.

Во дуел за пласман од 9 до 16 место, Македонија денеска беше подобра од Португалија со 26-25. Малку фалеше нашите кадети да прокоцкаат шест голови предност, па со гол во последните секунди стигна до четвртата победа во низа.

Младите македонски ракометари добро го започнаа натпреварот. Иако противникот до дваесеттата минута имаше само гол-два негатива, сепак жолто-црвените успеаја да се одлепат. По нерешените 8-8, македонските ракометари постигнаа пет голови во низа (13-8), а на одмор заминаа со +4 (13-9).

И во вториот дел македонските надежи продолжија во ист ритам. Во еден миг жолто-црвените имаа и најголеми шест голови предност 21-15. И повторно како и на претходниот натпревар, дојде до опуштање, кое на противникот му овозможи да се врати во игра па на минута пред крајот израмнија на 25-25. Сепак до голот на Костов на 9 секунди пред крајот Македонија стигна до триумф со 26-25.

За македонските кадети останува уште еден натпревар, утрешниот дуел за деветтото место. Во него противник ќе биде победникот од дуелот меѓу Австрија и Израел.