Како и што се очекуваше, така и мина осминафиналниот натпревар меѓу Мексико и Англија на Светското првенство. Прво ,лошото време, го пролонгира стартот во Мексико Сити за еден час. Сепак присутните на „Ацтека“ стадионот тоа брзо го заборавија, бидејќи двете репрезентации го одиграа најдобриот натпревар на Мундијалот досега.
А, резултатот, на разочарување на домашната публика, Мексиканците, во полза на Англичаните кои славеа со 3-2.
Во првото полувреме беа постигнати три, а можеше да има уште најмалку толку голови. Мексиканците до овој меч немаа примено гол, но Џуд Белингам, се погрижи да им даде два набрзина.
Прво во 36.минута по брзата акција и нафрлувањето на Сака, на вистинското место се најде Белингам за водство на Англија од 1-0. На вториот гол не се чекаше долго. Веќе во 38.минута, Белингам и Хари Кејн одиграа одлична двојна акција, по кој фудбалерот на мадридски Реал заголеми на 2-0. За Белингам тоа беше негов четврти гол на првенството.
Таквата негатива борбените Мексиканци не ги откажа, напротив, тие заиграа уште поактивно. Резултат на таквата игра беше ефектниот голот на Хулиан Кинонес во 41.минута за намалување на 1-2. Имаа голема шанса домаќините во судиското дополнување да дојдат до израмнување, но Белингам со пожртвувана интервенција не го дозволи тоа.
И второто полувреме продолжи во ист ритам. По само осум минути игра големи проблеми за Англичаните, откако Џарел Куанса заработи директен црвен картон.
И наместо бројната предност Мексиканците да ја искористат, дојде казна на спротивната страна. Се играше 59.минута, кога домашниот голман Рангел направи прекршок над Гордон па беше досуден пенал за Англија. Сигурен реализатор беше Хари Кејн за водство од 3-1.
Но најдобриот англиски голгетер го врат Мексико во игра во 67-мата минута, кога несмасно реагираше во сопствениот шеснаесетник. Судијата без размислување покажа на белата точка, а Хименез го реализира пеналот и повторно намали, сега на 2-3.
Залудни беа сите обиди на Мексиканците во продолжението на натпреварот да стигнат до израмнување, па солзите на очите на фудбалерите и навивачите на крахот беа неизбежни.
Така Англија обезбеди место во четвртфиналето во кое за противник ќе ја има Норвешка која го елиминира Бразил совладувајќи го со 2-1.



































